Србија, Австрија и Унгарија на Самитот во Виена ја продолжуваат соработката во заштитата на границите

Српскиот претседател Александар Вучиќ учествуваше на трилатералниот Самит во Виена, заедно со австрискиот канцелар Карл Нехамер и унгарскиот премиер Виктор Орбан. На прес-конференцијата беше објавено дека Србија, Унгарија и Австрија ја штитат Европа од притисокот на миграцијата, јави дописникот на МИА од Белград.

– Задоволен сум што во голема мера го реализиравме она што го разговаравме и што Австрија во првата третина од годинава го намали бројот на баратели на азил за 18 проценти во однос на претходната година. Подготвени сме да продолжиме да работиме, особено на границата со Северна Македонија. Верувам дека ќе успееме да го држиме под контрола ова прашање на миграцијата. Верувам дека заедно ќе најдеме начин да ги промениме трендовите. Горди што придонесовме за некаков вид дополнителна стабилност во Европа, посочи српскиот претседател.

Вучиќ изјави дека е важно што трилатералниот меморандум е потпишан меѓу трите земји и дека прашањето за миграцијата ќе се држи под контрола и во најдобар интерес на нашите земји и на цела Европа.

– Научив многу од канцеларот Нехамер и премиерот Орбан за односите во светот и како тие ја гледаат иднината на Европа и светот и верувам дека заедно ќе најдеме начин во годините што следат да ги промениме трендовите кои велат дека реалниот економски раст се сели надвор од Европа. Наша работа е да се обидеме да го зачуваме европскиот напредок и за пет, шест и десет години, рече Вучиќ.

Тој рече и дека ги презентирал ставовите на Белград за ситуацијата на Косово, но дека поради различните ставови на домаќините и гостите кон ова прашање, не зборувал повеќе на оваа тема.

Орбан изјави дека ја штити Европа од притисокот на миграцијата.


– Без Србија и Унгарија, Австрија, Германија, Холандија и другите земји би биле преплавени со стотици илјади мигранти, кажа Орбан.

Тој нагласи дека Унгарија не се согласува со одлуката на Европска Унија за квоти за прием на мигранти.

– Тоа би можело да биде олеснување за Италија, но ќе ја влоши ситуацијата во Австрија и другите земји. Имаме ефективен унгарски систем, што е подобар од неефикасниот европски систем и мора да се избориме тие да ги прифатат нашите ставови, бидејќи кај нас ситуацијата е тешка, рече Орбан.

Нехамер истакна дека мора да разбереме дека системот на ЕУ има недостатоци и дека механизмите на Унијата не се доволни, туку дека е неопходно да се соработува.

– Знаеме дека соработката со Бугарија е исто така многу важна. Воспоставивме пилот проекти во Бугарија и во Романија, кои се покажаа дека имаат одредени ефекти. Хуманитарната цел зад сите наши акции е да се стави крај на смртните случаи и умирање во Средоземното Море. Затоа сакаме да ги подобриме процедурите за добивање азил и да ја намалиме илегалната миграција, рече Нехамер.

Во Виена се одржува трилатерален Самит, како и средби на министрите за внатрешни и надворешни работи на Србија, Австрија и Унгарија. 

Треба да знаете
Последни објави