Српскиот Youtube канал „Еколошкото востание“ пред 23 часа објави аудио снимка која датира од 2017 година, на која се слуша како Александар Вучиќ и кажува на новинарката Бранка Ѓукиќ, поранешна директорка на Танјуг и актуелен советник на претседателот, какво прашање да му постави, пренесуваат српските медиуми.
На аудио снимката објавена на Јутјуб се слуша како Вучиќ во два наврати и кажува на Ѓукиќ да му постави прашање како ги коментира настаните во Македонија и која е неговата порака до граѓаните.
„Како премиер на Србија и како избран претседател на Република Србија, секогаш правев се за да ги одржувам најдобрите односи меѓу Белград и Скопје и меѓу Србија и Македонија.
Мислам дека граѓаните на Македонија тоа многу добро го знаат и го почитуваат начинот на кој Република Србија се однесуваше кон граѓаните на Македонија, како и кон државата Македонија.
Многу сум загрижен за сите настани вечерва и мојата единствена порака е, и мислам дека народот на Македонија многу добро знае дека тоа доаѓа од нивниот искрен пријател, да побара од нив да ги решат сите проблеми и несогласувања на мирен начин, да , ако имам право, да кажам дека смирувањето на ситуацијата е секако во најдобар интерес и за Македонија и за нејзините граѓани, а сите други работи и сите други проблеми можат да се решат на преговарачка маса, на мирен начин, на мирна атмосфера.
Ова веќе не е само македонски проблем, туку станува проблем за сите нас што живееме овде, и подобро е веднаш да престанеме со сите проблеми и да обезбедиме мир и стабилност за нашите деца.
И затоа ги молам сите во Македонија, оние што ми се познаници, а некои се пријатели, но и оние што не ги познавам, само да ја сфатат оваа порака како добронамерна и да направат се за да се врати мирот и безбедноста на сите граѓани на Македонија, а во Србија секогаш ќе имате искрен и верен пријател“, вели Вучиќ на снимката.
Нарачаното прашање на Вучиќ се однесува на случувањата во РС Македонија во 2017 г.



