Членовите на Огнената Група од редовите на ДУИ не се поделиле, туку имаат различно мислење во врска со конечното отцепување од партијата и формирањето на ново политичко движење. Ова го изјави за ТВ21, Изет Меџити, коментирајќи ја вчерашната фотографија која ја објави од Гостивар, каде не беа присутни Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта.
-Тројца пријатели се уште мислат дека можеме да функционираме како фракција во ДУИ, а јас и другите, Висар, тие кои беа вчера во Гостивар но и во другите градови мислиме дека цената е платена. Сметаме дека сите врати во ДУИ се затворени, така да треба да отвориме нов пат и сериозно мислиме за отворање на ново политичко движење кое ќе го артикулира и ќе биде гласот на Албанците на Македонија во опозицијата, изјави Меџити.
Тој е оптимист дека Џафери, Бејта и Беџети имајќи ги во предвид политичката ситуација и околностите ќе се уверат дека се исцрпени сите можности внатре ДУИ и ќе му се придружат на патот по кој тргнаа заедно.
Во Гостивар, едногласно беше одлучено координатор за овој град да биде екс претседателот на огранокот, Башким Хасани, координатор за Чаир изборна единица 1 да биде Висар Ганиу и за изборна единица 2 да биде Бесим Кока.