Коњ кој превезувал туристи во најжешкото време, а температурата била повеќе од 35 степени, угина неодамна на Крф. Ова предизвика бурни реакции во грчката јавност. Групите за заштита на животните бараат построга контрола на употребата на коњи за превоз на туристи во кочии и подобро спроведување на прописите.
Сопственикот на коњот е уапсен во рамки на прелиминарна полициска истрага.
Стами Кора од организацијата за заштита на животните „Јотото“ изјавила дека мртвиот коњ неодамна закрепнал од хроничен белодробен едем и дека најверојатно починал од срцев удар.
Кора наведува дека на властите пријавиле неколку случаи кога коњи превезувале туристи на најсилното сонце и висока температура.
Според информациите кои стигнале до органите на прогонот, несреќното животно било под притисок – како што вообичаено се случува во овие случаи – да забрза, добивајќи удари од камшикот, за да го зголеми профитот на сопственикот.
Превозот на туристи со кочии е традиција на Крф, но често овој обичај не се сфаќа сериозно и се следи погрешна практика, пренесува Катимерини.
Роза Русу од Здружението за заштита на коњите „Ипотесис“ посочува дека макотрпната работа на коњите е забележана и во другите делови на Грција.
„Имаме кочии на Крф, во Егина, Агистри, Нафплион, Катакол, Илијас, Патра, Закинтос и Халкидики. Во Санторини имаме повеќегодишен проблем со преоптоварени магариња“, истакна Русу.
Таа додаде дека законот од 2021 година ја регулира благосостојбата на животните, но на нејасен начин. Конкретно, ништо посебно не е предвидено за одгледувачите на коњи.
Според Правилникот за заштита на работните коњи и животните кои се превезуваат во текот на летото во екстремни услови, стои дека животните не треба да работат во периодот од 13 до 17 часот кога температурата на воздухот е повисока од 35 степени.
Русу изјави дека тоа е едноставна препорака, но и дека законот не дефинира што мора јасно да се запази за коњите.
„Полицајците би морале да вршат проверки на јавни места, но доколку тоа е препорака, а не обврска на сопственикот, просторот за нивно постапување се стеснува“ изјави Роза Русу.
Таа напомена дека дозволите за работа на коњи ги одобруваат општините по барање на сопственикот и проверка дали „коњот добро се однесува при одење“, како и сопственикот да потпише гаранција за благосостојба на коњот.
Регистрацијата на сите копитари требаше да започне во октомври минатата година, но досега се регистрирани само десет отсто од тие животни.