САД продолжуваат да ја шират „црната листа“ со актуелни и поранешни функционери од Западен Балкан. Денеска, како што објавија регионалните медиуми, под американски санкции е ставен Александар Вулин, актуелен директорот на Безбедносна-информативна агенција (БИА) во Србија каде претходно беше и министер за одбрана и за внатрешни работи.
Тој се најде на „црната листа“ поради сомнежи за вмешаност во организиран криминал, трговија со наркотици и злоупотреба на јавната функција.
Според САД, Вулин одржувал контакти со српскиот трговец на оружје Слободан Тешиќ, кој веќе е под санкции од американските власти, на тој начин што му помагал илегалните пратки оружје слободно да поминуваат преку српската граница.
-Тој ја користеше својата јавна функција за да ја поддржи Русија. Ги олеснувал руските злонамерни активности со кои се деградира безбедноста и стабилноста на Западен Балкан. И обезбедувал на Русија платформа за понатамошно влијание во регионот. Вулин е директор на Безбедносно-информативната агенција на Србија, а претходно беше министер за одбрана и министер за внатрешни работи. Овие институции не се мета на овие санкции, се наведува во објавата на американските власти, пренесува Н1 ТВ.
САД наведуваат дека ставањето на Вулин на „црната листа“ ја покажува нивната одлучност да ги повикаат на одговорност сите оние што се вмешани во коруптивни активности со кои ги унапредуваат сопствените политички агенди и личните интереси, а на штета на мирот и стабилноста на Западен Балкан.
На американската „црна листа“ пред неполн месец се најде и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ.