Започнува Самитот на НАТО, премиерот Ковачевски предводи владина делегација во Вилнус, Литванија

Денеска во Вилнус, Литванија официјално започнува Самитот на НАТО, на кој учествува претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и ја предводи владината делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Премиерот Ковачевски, денеска и утре, ќе учествува на трите состаноци на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на шефови на држави и Влади каде ќе земат учество 31 земја членки на НАТО. На Самитот се поканети и шефови на држави и Влади на земји партнери на НАТО – Австралија, Грузија, Јапонија, Република Кореја, Нов Зеланд, Молдавија, Босна и Херцеговина, како и претседателите на Европскиот Совет и Европската Комисија. На Самитот е предвидено да учествува и Претседателот на Украина Володимир Зеленски.

На самитот во Вилнус ќе бидат адресирани актуелните безбедносни предизвици, зајакнувањето на врските меѓу Украина и НАТО преку формирање на Советот НАТО-Украина како и зајакнување на поддршката за Украина. Лидерите ќе говорат за унапредување на одбранбените капацитети, споделување на обврските, како и нови одбранбени регионални планови.

Во рамки на учеството на Самитот на НАТО, предвидено е премиерот Ковачевски да оствари билатерални средби со премиерката на Естонија Каја Калас и премиерот на Грција Киријакос Мицотакис.

Треба да знаете
Последни објави