Израелскиот Парламент синоќа на прво читање го усвои клучниот дел од контроверзната судска реформа што ја бара владата, по паузата во нејзиното спроведување поради масовните протести низ земјата.
Целта е да му се одземе способноста на Врховниот суд да ги укинува одлуките на Владата кои ги смета за „неразумни“.
По долга и жестока расправа пратениците таа одредба ја усвоија со 64 гласа „за“ и 56 „против“.
Владејачката коалиција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, која ги вклучува неговата десничарска Ликуд, ултрадесничарските и религиозните партии, вели дека планира да обезбеди подобар баланс на силите, пренесе Бета.
Противниците на реформата ја сметаат за закана за израелската демократија.
Со гласањето заврши тримесечната пауза во која се водеа преговори со опозицијата.
Паузата почна по серијата масовни протести на противниците на реформите и предупредувањата од светските лидери и други официјални лица дека демократијата на Израел ќе биде загрозена со одземање на овластувањата и независноста на Врховниот суд.
Во последните недели Нетанјаху изјави дека преговорите со опозицијата пропаднале и најави дека ќе се обиде да усвои малку изменета верзија на реформата.
Ова предизвика повторно противење во Израел и во странство.
Израелската опозиција за денеска најави ден на национална мобилизација против предлог-законот, кој ќе помине на второ и трето читање.