Ковачевски: Северна Македонија веќе инвестира 30% од буџетот за одбрана за модернизација на Армијата – повеќе од НАТО стандардот

Премиерот Димитар Ковачевски од Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија денеска изјави дека ова е исклучително важен состанок кој доаѓа во многу важен момент, во момент кога се води војна во Украина.
-Состанокот доаѓа после Самитот во Мадрид на кој имаше многу работа која што ја работеа министрите за одбрана, министрите за надворешни работи и секако претставниците во постојаното седиште на НАТО. Ќе бидат донесени неколку, многу важни заклучоци. Прво, ќе бидат донесени одлуки во однос на регионалните аспекти на одбраната на НАТО земјите и тоа вода, копно и воздух секако и за аспектите на сајбер одбраната и одбраната од хибридни напади, кажа Ковачевски.

Тој додаде дека ќе бидат донесени одлуки во однос на унапредувањето на соработката со Украина и во таа насока ќе биде формиран Совет на НАТО и Украина на кој во иднина ќе можат да се носат одлуките кои се однесуваат на заедничката соработка.
-Дополнително во однос на финансирањето на сите овие зголемени потреби за одбраната во овој нов геостратешки контекст ќе биде донесена одлука во однос на финансирањето и тоа значи дека 2% од БДП ќе биде практично минимумот за финансирање на одбраната, со тоа што најмалку 20% да бидат за модернизација. Северна Македонија е земја која што на модернизација веќе инвестира 30% од буџетот за одбрана што секако дека е потребно во овој контекст. Дополнително во однос на идната соработка со Украина, Северна Македонија има многу јасна позиција, истакна премиерот.
Според него, Северна Македонија како 30-та земја членка секогаш поддржува отворена врата на пристапување во НАТО, меѓутоа секако откако ќе бидат согледани сите безбедносни аспекти на актуелниот момент.
-Она што е многу важно, НАТО покажа дека е единствено како никогаш досега и донесена голема одлука со тоа што Шведска ќе биде 32-та земја членка на НАТО после вчерашните успешни разговори меѓу генералниот секретар на НАТО, г.Столтенберг, претседателот на Турција, премиерот на Шведска. Очекувам успешен состанок, мојот ден денес ќе започне со билатерална средба со премиерката на Естонија, утре имам билатерална средба со премиерот на Грција и секако одделни состаноци и со Индо-пацифичките држави, наши партнери со кои ќе разговараме за глобалните аспекти на безбедноста и одбраната, заклучи Ковачевски.

Треба да знаете
Последни објави