Годинава за таканаречената „зелена нафта“, односно за субвенционирање на горивото за обработка на нивите се обезбедени вкупно 300 милиони денари. Субвенцијата е 50 проценти од трошоците трошоците за набавка на дизел, но не повеќе од 100.000 денари по земјоделско стопанство. Досега скоро 50.000 земјоделци парите ги добиваа на електронска картичка. Земјоделците ќе можат за субвенционирано гориво да се пријават до 14ти јули.
Висината на поддршката зависи од видот на културата и големината на површината која е пријавена во барањата за финансиска помош. Корисници се полјоделците, овоштарите, лозарите и градинарите.
За пченица, јачмен, пченка,’рж, овес, ориз, тритикале, хељда, просо и лековити, ароматични и зачински растенија, поддршката изнесува 1.600 денари по хектар.
За хмењ, лен, леќа, кикиритки, соја, сончоглед, маслодајна, шеќерна и добиточна репка, афион и памук, земјоделските производители ќе добиваат по 2.400, а за градинарските и лозовите култури 4.800 денари по хектар.
Во овоштарството субвенцијата изнесува 6.000, освен за дуња, мушмула, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, бадем и лешник за кои следуваат 4.400, а за ореви и костени по 3.000 денар и по хектар.
Парите се добиваат на картичка која може да се користи повеќекратно сè додека средствата не се потрошат. Минимум на еден земјоделец му следуваат по 500 денари, дури и во случај ако вкупната пресметана сума на субвенцијата е помала од овој износ.