Спасовски: Драстично помалку кражби и разбојништва од воведувањето кризна состојба во затворот „Идризово“

Од моментот на траењето на кризната состојба односно од постапувањето на МВР во затворот „Идризово“, драстично се намали бројот на извршување на разбојништва на кражби на територијата и на општина Гази Баба, меѓутоа и на територијата на градот Скопје, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на прашањето дали има ефекти од кризната состојба односно од асистирање на полицијата за обезбедување на затворот. 

Според министерот, резултатите укажуваат дека имало нелегално излегување на лица од затворот.

-Се додека има потреба од постоењето на една ваква состојба е добро да биде заради тоа што се работи за безбедноста. Оваа институција мора да биде целосно под контрола за да бидеме сите ние безбедни како граѓани, дополни Спасовски на прашањето до кога би траела кризната состојба. 

Појасни дека се асистира според оперативен план направен со службата на Казнено-поправната установа „Идризово“ и со Армијата на РСМ во делот на обезбедувањето.

-Заради тоа што состојбата, намалувањето на кадарот на полициски службеници итн. влијае на оваа ситуација. Можам да кажам дека ситуацијата е целосно под контрола. Сето она што е ставено под контрола на МВР – тоа се влезовите, контролата на се што влегува внатре е на високо ниво, истакна Спасовски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Центарот за обука Идризово.

Во однос на пожарот во архивата на Судот во Куманово, министерoт одговори дека сé уште трае гасење на пожарот. 

-Во моментот не можеме да кажеме што точно е зафатено од пожарот, бидејќи според најновите информации коишто сега ги добив, се уште трае акцијата на гаснење на пожарот. Ние ги активиравме сите служби, заминаа и началници и раководители од Одделот за криминалистички и технички испитувања и вештачења од Скопје се со цел да може да се направи увид и да видиме кои се причините и што точно е зафатено со пожарот, рече Спасовски.

Треба да знаете
Последни објави