Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски вечерва во централниот Дневник на Сител телевизија информираше дека пожарот што ноќеска го зафати Основниот суд во Куманово е ставен под контрола, а истрагата треба да покаже што точно се случило.
„Состојбата според мои информации коишто ги добивам од помошник командирот на противпожарна Куманово е под контрола и имаме дежурни возила на лице место, сè уште на одредени места чади. Се работи за високо запалив материјал којшто бил лоциран помеѓу магацинот за службеното вооружување и магацинот за нафта којшто се користел за греење. Навистина тешка операција, почнува некаде во 01.30 часот, сега е при самиот крај. Тоа што за мене е најважно е дека во моментов нема човечки жртви, нема повредени, противпожарната екипа си ја заврши ревносно и професионално својата работа, им честитам за тоа”, рече Димитриевски.
Тој посочи дека истрагата треба да утврди по кој основ и како настанал пожарот, дали опожарувањето се случило свесно или е од електричната инсталација, а и да се утврди одговорност во делот на состојбата на самата електрична инсталација.