Предлогот за уставните измени е доставен до Владата и откако таа ќе го разгледа на некоја од наредните седници, меѓутоа не подоцна од крајот на овој месец, ќе го достави до Собранието, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски од Вилнус каде учествува на Самитот на НАТО.
На прес-конференција, Ковачевски посочи дека уставните измени не се под никаков диктат, туку се дел од обврските наведени во Преговарачката рамка што во јули минатата година била усвоена во Собранието без ниту еден глас „против“.
Коментирајќи ги најавите на лидерот на опозицијата Христијан Мицковски дека ги прекинува разговорите за уставните измени, Ковачевски нагласи дека секој има право да се изолира себеси, но не и да ја изолира државата. Останува на ставот дека треба да се отвори дискусија бидејќи се работи за исклучително важна одлука за државата.
– Уставните измени се глас за ЕУ и за продолжување за европскиот пат. За првпат имаме ситуација во која ветото не доаѓа однадвор, тукуодвнатре. Секојн има право да се изолира себеси, па дури и да изолира дел од својата политичка партија, но нема право да ја изолира државата. Нивната реторика којашто беше гласна цела една година, на денот на лидерската средба веќе престана да постои. Сите услови на лидерот на опозицијата беа прифатени. Потоа веројатно под некаков притисок, внатрешен или не знам каков, ретерираше во своите ставови.
Лидерот на опозицијата Христијан Мицковски викендот изјави дека ги прекинува сите средби со власта за уставните измени и дека единствено за што може да се разговара се предвремени парламентарни избори оваа есен.