Шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, во изјава за ТВ Канал 5, вели дeка по тврдењата на сопственикот на порталот „Доказ М“, Марјан Стаменковски, за наводна инволвираност на обвинители во неговите текстови, поднел дисциплински и информација во форма на кривични пријави против двајца негови колеги-обвинители.
-По јавната седница, ми се чини на 17 мај, и откако сега осудениот Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ“ ги обзнани информациите дека наводно некој од јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје контактирале односно му брифирале за наводните случувања во Вишото јавно обвинителство Скопје, потенцирам, наводни случувања, јас како виш јавен обвинител на ова Обвинителство се обратив и побарав писмена информација од Основното јавно обвинителство, каде што се води предистрага за финансиските средства на Марјан Стаменковски, кадешто се запленети мобилните телефони, компјутерите и веќе се извештачени. Побарав детална информација од страна на шефот на Јавното обвинителство Скопје и истиот ми одговори на побараните информации. Од информацијата која ја добив од страна на јавниот обвинител, после неколку дена поднесов предлог за дисциплинска одговорност против двајцата обвинители до Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавни обвинители, а истовремено, со поднесената иницијатива до Комисијата, поднесов и известување во форма на кривична пријава до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, се со цел да определи друго Основно јавно обвинителство, надвор од надлежноста на ВЈО. За едниот јавен обвинител поднесов пријава за можно сторено кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување, како и можно остварување на кривично дело за злоупотреба на лични податоци. За другиот јавен обвинител поднесов кривична пријава за злоупотреба на лични податоци. Кон моето известување до Јавниот обвинител на Северна Македонија поднесено е барање за времено оддалечување на еден јавен обвинител од вршење на функцијата јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство, вели Хајрулахи за Канал 5.
Марјан Стаменковски тврдеше дека обвинителот Сашо Рајчев и уште една виша обвинителка соработувале со него. Обвинителот Рајчев тогаш изјави дека воопшто не го познава Стаменковски.