Tоплотниот бран што ја зафати Европа го зеде првиот живот во Италија, а туристите што летуваат на Медитеранот се подготвуваат за температури до 45 степени.
44-годишен работник починал во Лоди кај Милано по болест, најверојатно, предизвикана од жештините. Цртал патокази во внатрешноста на еколошката зона на патот кога пред пладне му се слошило. Според италијанските медиуми, тогаш бил и најтоплиот дел од денот, при што во многу градови биле забележани 40 степени.
Најпрвин на помош му пришол колега, кој работел со него, набргу пристигнала и брзата помош, која го пренела во болница, каде што починал.
Илјадници посетители на Медитеранот сега се предупредуваат за опасност за животот од прекумерната жештина откако антициклонски бран од пустината Сахара наречен Кербер почна да се шири кон север.
Кербер денеска ќе донесе температури околу 44 степени во јужните делови на Шпанија. Уште потопло ќе биде на италијанските острови Сардинија и Сицилија, каде што се очекуваат 45 степени.
Во Рим вчера беа измерени 36 степени, пишува „Дејли мејл“.
Топлиот бран нема да ја заобиколи ниту Грција, каде што во наредните денови се очекуваат 44 степени.
Чадори ќе бидат поставени на Акропол во Атина поради извештаите за онесвестување на туристите на популарната локација. Црвениот крст ќе биде таму и ќе им нуди вода на посетителите додека луѓето чекаат на жештината да го посетат Партенон.
Во меѓувреме, на Кипар температурите ќе се искачат до 42 степена, во Хрватска се очекуваат 38 степени, а кон крајот на неделата Франција ќе се соочи со температури до 37 степени.
Метеоролозите очекуваат топлото време на Медитеранот да трае околу две недели.