Филип Поповски повеќе не е генерален секретар на најбогатата и најмоќната спортска асоцијација – Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Откако ги одработи двата четиригодишни мандати колку е дозволено законски, местото денеска и го отстапи на Наталиа Илиевска Божиновска, која ќе биде првата жена што седнува во втората фудбалска фотелја. Доаѓа од редот на вработените во фудбалската администрација. Ова е денешната одлука на Управниот одбор на ФФМ.
Поповски кој на одбележувањето на својот 44 роденден, замина од позицијата прв оперативец во мак-фудбалот, за очекуваната рокада вели:
-Таков е законот. Ништо страшно. Продолжувам во ФФМ да работам на проектите за развојот на фудбалската игра, вели за „24 инфо“ Поповски, кого го затековме како го слави роденденот и заминувањето од високата позиција во ФФМ, што му се поклопи во еден ден.
Запрашан дали можеби набрзо може да се пресели од Скопје во Нион како што направија некои негови колеги од регионов, бидејќи веќе има ангажмани во организацијата на натпреварувањата на евро-сцената, Поповски додава:
-Не се селам во Нион. Засега таков трансфер не е во игра. Останувам тука. Во иднина ќе видиме – возврати Поповски.
УО на ФФМ на денешната седница покрај извршената рокада на позицијата генерален секретар ги усвои пропозициите за Купот за новата сезона, како и судиските, контролорските и делегатските листи за идната сезона.