Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во „Студио 10″ на ТВ24 запрашан за уставните измени кои треба да поминат во Собранието потенцираше дека уставните измени се една неопходност која треба да се направи за да се направи исчекор кон европскиот пат.
„Европскиот пат е национален интерес на нашата држава. Остварувањето на националните интереси треба да биде врвен приоритет на секој еден политичар ако мисли за доброто на државата. Затоа што јас не гледам никаква алтернатива. Ако би имале ние две – три опции за тоа каде ја гледаме Република Северна Македонија, тие треба да бидат понудени и граѓаните да знаат кој е извесниот пат. Огромниот дел од граѓаните посакуваат да бидеме дел од Европската Унија и ние треба да бидеме насочени кон тој пат и мислам дека ова е историски момент којшто не смееме да го пропуштиме”, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека европските вредности низ преговорите мораме да ги донесеме во рамките на институциите, па полека и сигурно да ја направиме најважната реформа – реформата на умот: „Преговорите нема да значат нешто имагинарно, туку конкретни активности и вредности во рамките на системот, менување на менталниот склоп и сите заедно да почнеме да размислуваме така, како што посакуваме да ни функционира државата”.
За прекинот на комуникацијата на ВМРО-ДПМНЕ по прашање на уставните измени, Спасовски даде до знаење дека можностите се во дијалогот и разговорите, а политиката сама по себе е дефиниција на можното.
„Треба да седнеме да разговараме и јас сум апсолутно убеден дека постојат структури во опозицијата коишто можат да ја разберат сериозноста и неопходноста овој момент да биде искористен. Навикнати сме некои политички лидери да ги слушаме како ги менуваат ставовите од ден во ден, од час во час, но на крајот некој мора да ја води оваа битка и да ја добиеме со влегување на Република Северна Македонија во Европската Унија”, беше дециден министерот Спасовски.