Увидот во пожарот во кумановскиот суд е одложен за утре поради укажувањата на командирот на ТППЕ Куманово за да се обезбедат сите потребни услови, а денес во текот на целиот ден пред судот ќе има противпожарна стража.
Во увидот ќе бидат вклучени шефицата на кумановското обвинителство Теута Бедиу Рамадани, дежурен обвинител од ОЈО Куманово, а вишото обвинителство организирало да дојде и обвинител од Скопје за да се одбегне судир на интереси, бидејќи кумановското обвинителство е сместено во истата зграда. Ќе учествуваат и екипи од СВР Куманово, кримтехника, инспектор за пожари и вешто лице електроинженер.
Екипа на територијална противпожарна единица Куманово, утрово во пет часот повторно интервенирала. Покрај противпожарната единица во подрумските простории влегле и екипи на полицијата.
Во меѓувреме, за итните предмети, преку Судскиот совет е овозможено кумановските судии да работат во Кривичниот суд Скопје.
Пожарот во кумановскиот суд избувна вчера во 01.35 часот, по што во текот на денот чадеше во неколку наврати.