НАТО е регионална Алијанса меѓу Европа и Северна Америка, но предизвиците со кои се соочуваме се глобални, а нашата безбедност е меѓусебно поврзана, порача денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на втората сесија на Северноатланскиот совет со Шведска, партнерите од Индо-Пацификот и Европската Унија.
Како што јави известувачот на МИА од Вилнус, Столтенберг на отворањето на сесијата на вториот ден од Самитот на НАТО во Вилнус им порача добредојде на партнерите од Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Јужна Кореја, како и на Европската Унија, изразувајќи задоволство што сите заедно се собрани на едно место.
-Она што се случува во евроатлантскиот регион исто така го засега и Индо-Пацификот и она што се случува во Индо-пацификот го засега и евротлантскиот регион, рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО истакна дека војната во Украина има глобални последници, територистичките и кибер нападите немаат граници.
-Авторитарните режими се приближуваат едни кон други. Затоа мораме да застанеме заедно за воспоставување на меѓународен поредок заснован на правила, порача Столтенберг на отворањето на сесијата.
За денеска е закажана и заедничка прес-конференција на Столтенберг со украинскиот претседател Володимир Зеленски, по што ќе се одржи конститутивниот состанок на Советот НАТО-Украина, што е една од пакетот три мерки, кои сојузниците го усвоија за приближувањето на Украина кон НАТО.
Зеленски при пристигнувањето денеска изјави дека на агендата се три приоритети, меѓу кои и пакетот за поддршка на украинската армија на бојното поле, но и поканата за НАТО.
-Сакам да бидеме на иста страна со сите, со разбирање за она што се слушува и она што го чувме дека ќе ја имаме таа покана кога безбедносната ситуација ќе го дозволи тоа. Сакам да разговарам со нашите партнери сега за сите овие работи, за брезбедносни гаранции за Украина на патот до НАТО, порача денеска Зеленски од Вилнус.
Украискиот претседател вчера забележа дека во заклучоците на лидерите од Самитот Украина не доби временска рамка, ниту за покана, ниту за членството.
Пакет од три елементи беше договорен за приближување на Украина кон НАТО – воспоставување на Советот НАТО-Украина, зголемување на интероперабилноста на украинските вооружени сили со силите на Алијансата и укинување на Акцискиот план за членство, со што процесот за приближување на Украина би се намалил од две на една фаза.
Сојузниците во заклучоците испратија јасна порака дека го поддржуваат членството на Украина во НАТО, но покана ќе испратат коа ќе се создадат услови за тоа, што пак беше забелешка на Зеленски поради тоа што нема јасна временска рамка.
Генералниот секретар на НАТО порача дека клучна задача е Украина да опстои како независна и суверена држава во Европа и затоа е неопходно испраќање воена поддршка, бидејќи „ако не можеме да ја заштитиме како демократска европска земја, тогаш нема да може да стане воопшто збор за нејзино членство во Алијансата“.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека се согласил со „предложената формулација за можноста Украина во иднина да се приклучи на НАТО“.
– Се согласуваме со формулацијата што ја предложивме – а вие во однос на иднината на Украина предложивте да може да се приклучи на НАТО, рече Бајден вчера во кусата изјава заедно со генералниот секретар на НАТО.