На Македонија и се заканува изолација, ако не го промени Уставот. Оваа порака, во име на високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жосеп Борел, ја испорачаа министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, Шаленберг, Липавски и Влаховски, на прес-конференција во ЕУ инфо центарот по средбите кои ги имаа со власта и опозицијата во земјава.
Високите гости потенцираа дека се пратени од Брисел, не за да се мешаат во внатрешната политика на Македонија, туку да им порачаат на партиите дека националните интереси се пред партиските.
– Да се одложи усвојувањето на амандманите значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ. Би било штета Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка. Ако не ги прифати уставните измени и не продолжи да оди по европскиот пат Северна Македонија се соочува со опасност да биде изолирана. Штом ќе почнат преговорите , тоа е неповратен процес – изјави Александер Шаленберг, министер за надворешни работи на Австрија.
Министерот кој ја отвори првата политичка меѓувладина конференција на Макеоднија со ЕУ, минатата година во јули, Јан Липавски- порача дека е тука за да изрази поддршка, затоа што ЕУ гарантира просперитет.
– Северна Македонија ја сметаме за дел од европското семејство, само треба процесот да се заврши – порача Јан Липавски МНР Чешка.
Разбирам дека ситуацијата не е лесна и се надевам дека ќе може да се надмине со преговори и се надевам дека ќе го направите тоа.
Словачкиот министер кажа дека сака да ја види Македонија како лидер на Балканот во евроинтерграциите и дека се надева, земјата да го заврши процесот до 2030та.
– Треба сега да станете водачи, локомотивата која што ќе го влече процесот напред, да станете пример кој треба да се следи и се надевам дека оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме повторно, како пред две децении, да станете лидер на Балканот во ЕУ интеграциите – изјави Мирослав Влаховски МНР Словачка.