Советниците на град Скопје на седмата вонредна седница ги донесоа заклучоците по единствената точка на дневен ред за актуелната состојба со комунална хигиена, со цел спречување на еколошка катастрофа и појава на заразни болести. Претседателот на Советот на град Скопје, Трајко Славевски по координацијата на советничките групи го прочита заклучокот, во кои се предвидени и мерки.
-Прво се задолжува градоначалникот на град Скопје и ЈП „Комунална хигиена“-Скопје да ги преземат следните мерки: Редовно чистење и миење на сите сообраќајници во град Скопје. Дезинфекција и дезинсекција на сите места каде што се наоѓаат контејнерите и во блиската околина. Дезинфекција и дезинсекција и редовно одржување на контејнерите. Итна набавка на пет нови камиони и механизација за собирање на отпад. Итна набавка на пет модерни еколошки чистачи на улиците и сообраќајниците, вели Славевски.
Меѓу заклуоците е и детална проверка на договорите на вработените, за коишто има сомнеж не се појавуваат на работа, а оставруваат право на плата, како и на оние кои имаат нерегулиран статус повеќе од пет години.
-Одговорност за сите кои директно или индиректно учествувале во креирањето на ваквите состојби во ЈП „Комунална хигиена“. Проверка и на договорите за вработување и во останатите јавни претпријатија во соработка со надлежните државни институции, вели Славевски.
Меѓу заклучоците на советниците на Советот на град Скопје и ревизија на работата на членовите на Управниот и Надзорниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“, како и формирање и на работно тело за надзор на работата на јавното претпријатие. Советниците побараа и редовни координации меѓу градоначалничката и координаторите на советничките групи.
-Соработка меѓу сите јавни претпријатија за надминување на состојбите во градот. Изработка на функционална анализа на сите установи, институции, вклучувајќи ја и администрацијата на град Скопје да се изработи темелно, непристрасно за да може да служи како основа за унапредување на јавните услиги. Во кризниот штаб да се вклучат и претставници од членовите на Советот на град Скопје, вели Славевски.
Советниците во заклуоците наведуваат дека бараат и извештај од страна на ЈП Комунална хигиена и во рок од три дена да го достави до Советот на град Скопје, потоа да се достави Програма за јавната чистота, да се реализира и јавна дебата за разгледување на можностите за децентрализација на дел од надлежностите на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје.