Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер се обрати на свеченото отворање на 63. издание на меѓународниот фестивал „Охридско лето”, кој традиционално се одржува под покровителство на претседателот на државата.
На свеченото отворање уметничката порака ја пренесе Бисера Чадловска, прва жена диригент во Националната опера и балет, која неодамна ја одбележа 20-годишнината од својата уметничка дејност. Таа важи за еден од најплодните оперски и балетски диригенти, под чија диригентска палка се реализираат голем број оперски и балетски претстави со ансамблот на Националната опера и балет.
Свое обраќање на отворањето на фестивалот имаше и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Годинешното издание на фестивалот „Охридско лето” беше отворено со настапот на романскиот сопран Анџела Георгиу, заедно со оркестарот на Националната опера и балет.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Конески велеше: духот не може лесно да се потчини, ниту да се вкалапи, следствено, ниту уметникот и неговото дело. Оттаму, посакувам слободната мисла, која уметниците овде, во Охрид, ја претставуваат низ своите креации, да го преобликува и да му даде поинаква суштина, барем за миг, на она што е гнило и проблематично во светот. Бидејќи токму во тоа е значењето на гласот на уметникот – да укаже на она што ги повредува луѓето и да ги истакне нашите доблести кои бездруго ги имаме повеќе од нашите пороци.
Повеќе од шест децении „Охридско лето” е местото каде што пристигнуваат најрелевантните уметнички продукции од сите страни на светот. Со комуникација на човековите искуства, артикулирани низ различните уметнички форми, можеме длабински да ги согледаме сите битни социо-културни движења. Особено, кога станува збор за можноста која ја дава програмата и концептот на Охридско лето, имено, размислувањата за акутните состојби кои ги засегаат луѓето, да се вкрстат преку различните уметнички изрази со потекло од најразличните културни контексти.
Не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата. Фестивалот „Охридско лето” е парадигма за токму таквиот континуитет, кој преку својот шеесет и три години грижливо архивиран и развиван институционален капитал остава темелни траги во меѓународната размена на културни и уметнички вредности.
Во овој древен град, се чува античкото, но, се создава и вреднува и современото. Тука раскошот на природниот амбиент со векови ги инспирира луѓето да го покажат најдоброто во градителството, во уметноста и духовноста. На таа хармонија и убавина, на историјата и културата, фестивалот „Охридско лето” природно и спонтано се надоврзува, нудејќи го најдоброто од музичката и сценската уметност, грижливо селектирано од сите светски меридијани. При тоа, фестивалот остава длабока трага помеѓу бројните цивилизациски и културни слоеви напластени во овој навидум мал, а толку многу значаен простор.
Круцијален национален императив е да го задржиме нивото и квалитетот што со себе го носи фестивалот „Охридско лето”. Само на тој начин ќе оставиме достоен печат на своето постоење во времето во кое живееме. Да оставаме вредности и патокази за следните генерации, да вложуваме во културата и во уметноста.
И не само тука во Охрид, да овозможиме уметниците да продолжат да нудат визија за еден подобар свет. Затоа што, како што вели минатогодишната нобеловка за книжевност, Ани Ерно – „Болката не може да се чува недопрена…, најдобриот начин за нејзина трансформација е преку јазикот на уметноста. Бидејќи, ако ги имаме вистинските зборови, ако го имаме вистинскиот јазик, оружјето нема да ни биде потребно.”
Во мигови кога човештвото се наоѓа пред безброј предизвици кои ги негираат клучните цивилизациски придобивки, повеќе од потребни ни се уметноста и културата преку кои ќе повратиме барем дел од загубените или злоупотребени вредносни системи.
Посакувам успешни фестивалски денови и креативна размена на искуства помеѓу уметниците од целиот свет.
Со оваа мисла, дозволете ми да го прогласам фестивалот „Охридско лето” за отворен.