Османи: Да останеме на брзата патека за членство во ЕУ

Денес, во работна посета на државата беа тројцата министри во Славков (Аустерлиц) формат, и тоа: министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Влаховски, ополномоштени од високиот претставник за надворешни работи на Европската унија Жосеп Борел за да ги пренесат официјалните ставови на ЕУ по однос на прашањата поврзани со нашето евро-пристапно досие.

Министерот Османи изрази благодарност за силната и гласна поддршка на Австрија, Чешка и Словачка за европскиот пат на нашата држава, додавајќи дека тоа се земји – пријатели на проширувањето со земјите од Западен Балкан, кои добро ги познаваат актуелните политички случувања во регионот, но и геополитичкиот контекст во кој се одвиваат процесите на Балканот.

„Проширувањето на Унијата е соочено со интегративен моментум кој не треба да го пропуштиме. Република Северна Македонија не смее да си дозволи да се издвои и да припадне во група на земји кандидати или потенцијални кандидати кои имаат отворени прашања и за кои нема да има брза патека за пристапување во ЕУ. Напротив, ќе направиме историска грешка ако не останеме на сегашната патека, на која многу тешко се вративме, после долги години чекање”, подвлече Османи.

Говорејќи за неопходноста од усвојување на уставните измени со цел успешно да го продолжиме процесот на преговори, министерот Османи истакна дека се соочуваме со отпор наметнат од претставници на опозицијата, кој во суштина е ирационален, со оглед дека ни најмалку не ја менува суштината на нашето уставно уредување, туку само се допрецизира и онака мултиетничката структура на нашата држава – нешто што цело време го истакнуваме како наша предност или наш успех.

„Во наредните неколку недели пратениците ќе бидат ставени пред изборот – да подржат измена на Уставот што секако претставува наша цивилизациска обврска и придобивка или ќе ја затвориме таа врата со изговори на кои потоа никој нема да се сеќава”, укажа Османи.

Воедно, министерот Османи ја поздрави најавата за новиот План за развој на Европската комисија како навремен одговор на нашето барање за повеќе интеграција и бенефити за нашите граѓани долж патот кон пристапно членство. Во овој план се предвидува приближување на Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ, продлабочување на регионалната економска интеграција, забрзување на основните реформи и зголемување на претпристапните фондови за земјите од Западен Балкан.

Треба да знаете
Последни објави