Во периодот меѓу 23 и 25 јуни, за време на бунтот на платеничката група „Вагнер“, руските граѓани од своите банкарски сметки повлекле околу 100 милијарди рубљи или околу една милијарда евра.
Оваа информација ја пренесе „Комерсант“, повикувајќи се на извештајот на Централната банка на Русија.
Побарувачката за готовина во Русија се зголеми во јуни, што доведе до одлив на ликвидност од банките за 500 милијарди рубљи, се додава во извештајот.
На 10 јули, банката објави дека бунтот на групата „Вагнер“ имал мал ефект врз девизниот курс на рубљата и дека зголемувањето на нестабилноста во тие денови било краткотрајно.
Шефот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин, најави „марш на правдата“ против Москва на 23 јуни, додека руските власти оваа ситуација ја сфатија како вооружен бунт, потсетува рускиот весник.
Ситуацијата беше решена по преговорите со учество на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко до вечерта на 24 јуни.