Рускиот генерал изјави дека е сменет од командантската функција откако го обвини военото раководство за ужасната ситуација на фронтот во Украина, каде, како што наведе, на руските војници им бил „забиен нож во грб“ поради неуспехот на воено раководство.
Генерал-мајор Иван Попов, кој командуваше со 58-та армија за комбинирано вооружување, во гласовна порака објавена од рускиот претставник Андреј Гуруљов рече дека е отпуштен.
Руското Министерство за одбрана се уште не го коментираше случајот, а Ројтерс не можеше да ја потврди автентичноста на гласовната порака. Гуруљов е поранешен воен командант кој редовно се појавува на државната телевизија.
„Беше тешка ситуација со властите во која требаше или да се молчи и да се биде кукавица или да се каже како стојат работите“, рече Попов.
„Немав право да лажам во ваше име, во име на моите паднати соборци, затоа ги презентирав сите проблеми што постојат“, изјави тој.
Попов рече дека е зголемен бројот на руски војници убиени од украинската артилерија и дека армијата нема соодветен систем за противартилериска одбрана и извидување.
„Високите лидери очигледно се почувствуваа загрозени и брзо добија наредба од министерот за одбрана за еден ден и се ослободија од мене“, рече генералот.
„Украинската армија не можеше да ги пробие нашите редови на фронтот, но нашиот висок командант нè удри одзади, сурово обезглавувајќи ја војската во најтешкиот момент“, изјави сменетиот генерал Попов.