По синоќешното свечено отворање на „Охридско лето“ со големиот концерт на оперската дива Ангела Георгиу, Фестивалот веќе од денеска продолжува со својата редовна програма, со целовечерен концерт на Симфонискиот оркестар од Ниш во црквата „Света Софија“.
Нишкиот симфониски оркестар е единствена институција во Србија од таков профил, да не е од Белград, а да делува во Србија и пошироко повеќе од седумдесет години.
Основна дејност на оркестарот е изведување уметничка музика, истовремено негувајќи го културното наследство со учество на бројни уметници од Србија и од странство.
Оркестарот има остварено гостувања на бројни манифестации „Денови на Мокрањац“ во Неготин, фестивалот „Дубровнички летни игри“ (Хрватска), Фестивалот „Олимпус“ (Грција), фестивалот „Свет на музиката“ во Фивицано (Италија) како и гостување во Грац (Австрија).
Нишкиот симфониски оркестар е добитник на значајни награди и признанија, меѓу кои Златна плакета на културно-просветната заедница на Србија, Наградата на ослободувањето на градот Ниш, Златна значка на Југословенските хорски свечености во 1970 година, како и највисокото признание на градот Ниш – наградата „11 Јануари“.
Во февруари оваа година, Нишкиот симфониски оркестар е одликуван со Указ на Претседателот на Република Србија со „Сретењенскиот орден“ од трет степен.
Вечерашниот концерт ќе се одржи под диригентска управа на маестро Зоран Станисављевиќ. Тој дипломирал диригирање во 2001 година на Факултетот за уметности во Приштина во класата на проф. Јован Шајновиќ, а магистрира на ФМУ во Белград во класата на проф. Шајновиќ и проф. Даринка Матиќ-Маровиќ. Бил асистент диригент на Академскиот хор на Универзитетот во Ниш од 1999-2004 година, а во 2004 година го основа Женскиот хор на Студенскиот културен центар во Ниш. Со тие ансамбли настапува во Република Српска, Словенија, Северна Македонија, Бугарија, Грција, Белорусија, Шпанија и Италија. Бил ангажиран како асистент диригент на Нишкиот симфониски оркестар во 2002/2003 година, а настапувал со Симфонискиот оркестар на Војската на Р. Србија „Станислав Бинички“, со оркестарот на Факултетот за уметности во Ниш, Камерниот оркестар „Аморозо“ – Лесковац, Камерниот оркестар „Импресија“ – Ниш и камерниот оркестар на Битола и оркестарот „Полифонија“ во С. Македонија. Со хоровите со кои работи освојува бројни награди и признанија, а во хорската недела во 2010 е избран за вокален педагог на Европскиот хор. Од 2012 е диригент и уметнички раководител на Академскиот хор на СКЦ при Универзитетот во Ниш со кој исто така освојува бројни награди меѓу кои гран при и награда за најдобар диригент на фестивалот „Черноморски звуци“ во Балчик, Бугарија. Од 2012 година е ангажиран како гостин диригент на Нишкиот симфониски оркестар. Работи како редовен професор на Факулетот за уметности во Ниш.
Почетокот на концертот е од 21 часот.