Комитетот на експерти на Советот на Европа за спречување перење пари и финансирање на тероризам („Манивал”) оцени дека системот за лиценцирање и супервизија на Народната банка ги исполнува меѓународните стандарди за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Во Извештајот, заснован врз евалуацијата извршена од октомври 2021 година до мај 2023 година, е истакнато значењето на супервизијата заснована на ризици, како и соработката со надлежните државни органи. Значаен придонес кон позитивната оценка имаат и бројните подзаконски акти донесени од страна на Народната банка и спроведените обуки за зголемување на ефикасноста во работењето на финансиските институции, а истовремено позитивно се оценети и корективните мерки на Народната банка за унапредување на квалитетот на дејствувањето на финансиските институции во борбата против перењето пари и финансирањето тероризам.
Во Извештајот на „Манивал” позитивно се оценети и високата свесност и ефикасноста на деловните банки во борбата против перењето пари и финансирањето на тероризмот. Имајќи го предвид значајното учество на банките во финансискиот сектор на Република Северна Македонија, позитивната оценка за нивното работење влијае врз оценката за системот на земјата во целина.
Ваквата оценка е резултат на долгорочни, постојани и сеопфатни напори за унапредување на регулативата рамка и спроведување на мерките за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Извештајот за нашата земја беше усвоен на 65-тата пленарна седница на „Манивал” одржана на крајот на мај. Во Извештајот дадена е позитивна оценка и за целокупната поставеност на системот за спречување перење пари и финансирањето на тероризмот, што може позитивно да влијае врз рејтингот на финансиските институции, добивањето поволни услови за меѓународни кредити и е предуслов за побрза евроинтеграција.