Српското Обвинителство за организиран криминал најави дека ќе побара дополнителни информации од судските институции на Соединетите Американски Држави за причините за санкциите изречени на шефот на Агенцијата за безбедност (БИА) Александар Вулин.
САД воведоа санкции против Вулин, обвинувајќи го за охрабрување на руските „малигни“ активности и за врски со трговците со оружје и наркотици, објави во вторникот американското Министерство за финансии.
Според пишувањата на белградските медиуми, обвинителството истакнало дека во времето кога Вулин бил министер за внатрешни работи, а потоа директор, БИА во соработка со институциите на САД, во предистражни и истражни постапки, успешно соработувала и реализирала повеќе случаи на организиран криминал.
Како значајни случаи се наведуваат апсењето на криминалната група на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ во Белград, како и на шефот на нарко картелот Дарко Шариќ и транснационалната криминална организација, вклучително и декодирањето на апликацијата „Скај“ што ја користат членовите на тие групи во меѓусебната комуникација.
Во текот на работата на тие случаи и други предмети по кои постапува обвинителството, „ниту една меѓународна полиција или правосудни институции, како и домашните не укажа на постоење на вмешаност на Александар Вулин во каква било криминална активност“, се вели во соопштението на обвинителството на Србија.
Јавното обвинителство за организиран криминал заради проверка по објавувањето на причините за изрекување санкции за Вулин „ќе побара дополнителни информации од домашните и судските институции на САД, како и од други меѓународни партнери“ и ќе побара „поднесување на конкретни докази“ поврзани со дејствијата Александар Вулин.