Демократскиот сојуз смета дека наш врвен национален, стратешки и државен интерес се одржување предвремени парламентарни избори и договор за стратешките правци на Македонија. Со најбитната цел – Македонија да се придвижи напред!
Компромисот е одржување парламентарни избори во септември. Тој компромис зависи од СДСМ и ДУИ, чија главна цел е да останат на власт уште неколку месеци по цена и на целосен колапс на државата.
Македонија направи тешки и болни отстапки и компромиси, од промена на Уставот, знамето, името, склучување на Преспанскиот договор, па и потпишување на контроверзниот договор за добрососедство со Бугарија. Сите тие компромиси и отстапки беа непринципиелни и надвор од европските и цивилизациските вредности и не обезбедија отворање на вратите на Европската Унија.
За последните условувања, промена на Уставот со цел Бугарите да бидат внесени во него, без реципроцитет и гаранции од ЕУ, нема компромис.
СДСМ и ДУИ цела година темата за уставни промени ја држат отворена на највисоко ниво, но досега не подготвија ниту доставија предлог за уставни промени до Парламентот.
Едноставно кажано, уставните измени ги користат за замајување на јавноста и дискредитација пред меѓународниот фактор на сите што не прифаќаат уставни измени под диктат и блокада на евроинтеграциите од страна на Бугарија.
Затоа, Демократскиот сојуз предлага:
Прво, договор за стратешките цели и коренити реформи во правосудниот систем, владеење на правото, борба против криминалот и департизација на сите институции.
Второ, донесување нов Устав, ослободен од Бадентер, балансер и други решенија кои ја задушуваат демократијата и развојот на државата.
Трето, одржување парламентарни избори во септември.
По изборите, веднаш формирање коалициона Влада, составена од сите партии застапени во Собранието, со тоа што премиерот да го предложи партијата/партиите кои ќе имаат најголем број пратеници.
Само нова Влада со силен политички и развоен концепт може да ја извлече државата од кризата во која сѐ повеќе запаѓаме и да отвори перспективи за сите, посебно за младите.
Обединувањето е неопходно за да ги заштитиме нашите витални национални интереси. Македонија треба да ги искористи геостратешките раздвижувања и да бара прием во ЕУ во следните две до три години.