Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Прилеп одговарајќи на новинарско прашање за општинските обврзници кои како проект ги започнаа градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека и покрај позитивното мислење од сите институции, за жал владата се одлучи да ги закочи, да го ископира тоа што го најавија општините и да даде граѓанска обврзница.
„Тоа беше проект којшто беше навистина иновативен и креативен којшто го започнаа општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и неколку општини меѓу кои ако не се лажам и тука во Прилеп. Тој процес е почнат и завршен и веќе се во одредена фаза на позитивни мислења од страна на институциите. Кога тоа го виде владата ги закочи, не дозволи тој процес да оди понатаму и покрај тоа што доби позитивни мислења од сите институции и одлучи да даде граѓанска обврзница”, истакна Мицкоски.
Тој исто така додаде дека и граѓанската обврзница е добра работа доколку тие пари бидат искористени за реализација на капитални инвестиции, но тие пари како рече, ќе бидат украдени од клановите на власта.
„Значи тие го ископираа тоа коешто општините претходно го најавија, но и тоа е во ред ако тие пари бидат искористени за реализација на капитални инвестиции, но нема да биде така. Тие пари ќе бидат украдени од страна на овие кланови за коишто претходно зборував”, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Идната влада за неколку месеци од денес, на ВМРО-ДПМНЕ планира сериозен инвестициски циклус и реалоцирање на 250 милиони евра од централниот буџет за реализација на капитални инвестиции на локално ниво”.