Доколку се спроведат уставните измени, тогаш следниот чекор ќе се случи автоматски, без можност за вето и дополнителни одлуки, вели во интервју за МИА евроамбасадорот Дејвид Гир.
Во одговор на прашањето како да се дојде до компромис за уставните измени, Гир вели дека треба да се промени духот на дијалогот, за да се оди напред, не само, како што вели, за уставните измени, туку и за реформите.
-Гледаме дека во земјата има голема поларизација меѓу политичките партии. Скоро сите политички партии јавно кажуваат и повторуваат дека се посветени на патот кон Европската Унија. Сепак, кога се работи за практична соработка, да речеме околу законодавство, со што земјата би напредувала и би било од корист за граѓаните, таа соработка не ја гледаме, нагласи Гир за МИА.
Гир вели дека важно е кога ќе биде објавен конечниот текст на уставните измени, да има отворена дебата и сите политичари да се однесуваат на одговорен начин и да ги стават интересите на државата на прво место, да го видат текстот и да се уверат што всушност се предлага.
-Доколку, како што очекуваме, се работи за вметнување на луѓе што се декларираат како Бугари во Уставот, тогаш ќе стане експлицитно она што веќе е имплицитно во самиот Устав и тоа би претставувало понатамошно јакнење на веќе доброто досие на земјата поврзано со меѓуетничките односи. Не гледам дека тоа е спротивно на националниот интерес или закана по идентитетот на оваа земја. Сепак, ова се одлуки што треба да ги донесе самата земја, вели меѓу другото Гир во интервјуто за МИА.