Петровска: Се соочуваме со одлив на младите – да донесеме државничка одлука за доброто на државата
Во гостување на МТВ, министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека најавените уставни измени се прашање на државничка одлука и дека таа државна одлука не може и не треба да ја носи само една политичка партија .
“Ако ја сакаме и ако и мислиме добро на државата, а барем декларативно сите тоа го изјавуваме, тогаш е потребно да ги направиме и вистинските чекори и да ги донесеме вистинските одлуки. Кога сме на политички позиции, политичките кариери се помалку битни, битна е иднината на нашата држава“, изјави Петровска.
Во тој контекст, Петровска истакна дека ако сме засегнати и загрижени за одливот на младите или економската состојба во државата, тогаш е потребно да ги насочиме сите ресурси токму кон овие реални проблеми со кои се соочуваме.
“Пристапот во ЕУ, нашето пристапување е всушност токму тоа – решавање на сите проблеми кои се појавуваат во сите држави, а Република Северна Македонија не е исклучок од сето тоа. Мислам дека на уставните измени треба да им пристапиме сериозно, треба да им пристапиме со државнички пристап, и се разбира таква одлука и да донесеме“, рече Петровска.