Во „Тема на денот” во дневникот на ТВ Сител, запрашан за неодамнешната анкета на ИРИ во која министерот за внатрешни работи Спасовски од граѓаните беше препознаен како министер кој најдобро си ја врши работата во Владата тој потенцираше дека ваквите резултати секако се признание но и уште поголема обврска којашто ја имаме пред граѓаните.
„Не треба објавата на било какви добри резултати и се добро што ќе направите за граѓаните, да не задоволи, туку напротив треба да продолжиме да го даваме својот максимум уште повеќе во работата. Пред се мислам дека посветеноста, отвореноста и ефикасноста на институцијата, транспарентноста, активностите кои ги преземаме, близината со граѓаните, враќањето на довербата во институцијата, сето тоа се параметри коишто се вреднуваат.”, истакна министерот Спасовски.
Спасовски ги спореди резултатите од 2016 година кога транспарентноста на институцијата била под 56% и сегашната која се движи над 90% и спомна дека Министерството за внатрешни работи од исклучително затворена институција стана една од најтранспарентните институции во државата.
„Години по ред покажуваме дека имаме нагорен тренд во овие активности, пример довербата на полицијата во 2016 година била историски најниска доверба кај граѓаните околу 23% и знаеме на што се должеше оваа ниска доверба, на убиството на Мартин Нешковски, на масовното прислушкување кое што го правеше државата преку МВР, на тепањето на студентите, и на низа други активности коишто во тој момент практично предизвикаа институцијата да нема доверба. Сегашните 68% доверба, исто така покажуваат дека само посветеност и работа за интересите на граѓаните и државата се препознаваат,”, потенцираше министерот Спасовски, при што истакна дека ваквата доверба и ваквите резултати не се дадени еднаш засекогаш туку треба постојано да се освојува довербата од граѓаните што за него претставува уште поголема мотивација за продолжување и унапредување на добрите резултати и довербата на граѓаните во полицијата и Министерството за внатрешни работи и во него како министер.