Вооружените сили на Украина добија касетна муниција, контроверзното оружје што Вашингтон му го вети на Киев дека ќе помогне во контраофанзивата против руската војска, соопштија официјални лица од двете земји.
„Штотуку го примивме (касетно оружје), сè уште не сме го користеле, но може радикално да ја промени ситуацијата на бојното поле“, изјави Олександр Тарнавски, командант на контраофанзивата во јужна Украина.
Американските власти минатата недела соопштија дека ќе го достават оружјето во Украина и покрај загриженоста за долгорочниот ризик за цивилите.
„Непријателот исто така разбира дека со добивањето на ова оружје ќе имаме предност“, рече Тарнавски, додавајќи дека украинските сили нема да го користат тоа оружје во густо населените области.
Во Вашингтон, висок американски функционер, генерал-полковник Даглас Симс, им потврди на новинарите дека оружјето сега е во Украина. Најавата за испорака на касетно оружје предизвика критики од невладините организации и одредени земји во светот.
Ова оружје е забрането во многу земји, особено во Европа, потписнички на Конвенцијата од Осло од 2008 година. Во таа конвенција не се вклучени ниту САД, ниту Украина, ниту Русија.
И Берлин, Париз и Лондон потсетија дека се против тој вид оружје и дека се потписници на конвенцијата.