Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, на маргините на состаноците на АСЕАН во главниот град на Индонезија, Џакарта, му рекол на индискиот министер за надворешни работи Субрахманам Џаишанкар дека меѓу двете земји треба да има взаемна поддршка, а не сомнеж, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
„Кина и Индија треба да работат во иста насока за да најдат решение за граничните прашања што е прифатливо за двете страни“, рече Ванг на вчерашната средба со Џаишанкар.
„Двете страни треба да се поддржуваат една со друга и да ги постигнуваат работите заедно, а не да се исцрпуваат или да се сомневаат“, истакна Ванг.
Според него, Индија и Кина не треба да дозволат поединечни прашања да ги дефинираат нивните севкупни односи.
Границата на Индија со Кина е долга 3.800 километри, од кои повеќето не се добро обележани. Во 1962 година избувна кратка, но крвава војна меѓу двете земји поради граничните спорови.
Од 1990-тите, односите меѓу Кина и Индија се подобрија благодарение на низата гранични договори, при што Кина сега е втор најголем трговски партнер на Индија.
Меѓутоа, во 2020 година имаше граничен судир во кој загинаа 20 индиски и четворица кинески војници. Судирот предизвика двете страни да ги зајакнат своите позиции и да распоредат голем број војници и борбена опрема.
Тензиите меѓу двете армии се намалија по неколку рунди разговори меѓу претставници на вооружените сили и дипломати.