Евроамабсадорот во земјава Дејвид Гир уверува дека внесувањето на Бугарите во Уставот не е спротивно на државните интереси или закана за идентитетот. Доколку се спроведат уставните измени, тогаш следниот чекор ќе се случи автоматски, без можност за вето и дополнителни одлуки. Политичкиот консензус во Македонија е клучот за уставни измени, напредокот и пристапувањето на земјата кон Европската Унија, оценува евроамбасадорот Гир во интервју за МИА.
Гир вели не може да се дадат гаранции дека во иднина нема да има блокади за Македонија, а доколку има такви – очекува да бидат поради неспроведени реформи кои ги бара унијата од државите кои преговараат. Сепак, евроамбасадорот уверува дека вратата за Македонија е веќе отворена, а до втората меѓувладина конференција нема можност за нови услови..
-Сметам дека е важно, кога се гледа на уставните измени и кога истите ќе бидат објавени, бидејќи се уште чекаме на конечниот текст, да има отворена дебата и сите политичари да се однесуваат на одговорен начин и да ги стават интересите на државата на прво место, да го видат текстот и да се уверат што всушност се предлага, изјави Гир.
И покрај оценките дека во Македонија има голема политичка поларизација, кај владејачката СДСМ има оптимизам дека уставните измени ќе бидат изгласани. Процедурата во Собрание е највено дека ќе почне до крајот на јули.
Македонија во последно време е зачестена дестинација на меѓународните дипломати. По посетата на министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка изминатава недела, вече наредната се најавува нова офанзива со пристигнување на нивните колеги од Германија, Франција и Полска. И нивната мисија ќе биде убедувачка да се изгласаат уставните измени и да се тргне по патото за членство во ЕУ.
И покрај засилената дипломатска офанзива, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски постојано повторува дека нема да дадат гласови за промена на уставот под бугарски диктат.