Во екот на туритичката сезона во Италија откажани 1.000 летови поради штрајкот во воздушниот транспорт

Штрајкот во италијанскиот воздушен транспорт во саботата резултираше со откажување на речиси 1.000 летови, објави денеска новинската агенција АНСА.

Според синдикатот кој го свика штрајкот, на него учествувале речиси сто проценти од вработените кои се очекуваше да штрајкуваат, наведува агенцијата.

Неколку стотици летови беа откажани само на главните италијански аеродроми во Рим, Милано, Неапол и Венеција, при што беа погодени околу 250.000 патници.

Здружението за заштита на потрошувачите „Кодаконс“ смета дека штетите поради откажување и доцнење се во милиони.

Покрај копнениот персонал, штрајкуваа и пилотите на Малта Ер, кои управуваат со летовите на „Рајанер“ во Италија, како и пилотите и стјуардесите на нискобуџетната авиокомпанија „Вулинг’.

Ова беше втор голем штрајк во Италија, по штрајкот на железницата во четвртокот што предизвика значителен прекин на јавниот транспорт.

Штрајковите ја погодуваат земјата, популарна дестинација за одмор, во екот на шпицот на туристичката сезона и топлотниот бран.

Треба да знаете
Последни објави