Лионел Меси и Серхио Бускетс синоќа официјално беа претставени како нови играчи на Интер Мајами. Презентацијата се одржа во нов дом, на стадионот ДРВ ПНК.
Илјадници навивачи и покрај лошото време (во Мајами врнеше дожд), дојдоа да го поздрават Меси.
„Пред десет години го започнав своето патување со намера да изградам нов тим во МЛС. Тогаш реков дека сонував да донесам големи играчи во Мајами. Сакав тие да бидат играчи кои ја делат нашата амбиција да ни помогнат да го изградиме фудбал во оваа земја. Многу сме среќни што сте тука да го прославите овој неверојатен момент. Ве молам простете ми што сум емотивен вечерва. Ова е остварување на сонот за мене. Меси е во Интер Мајами”, рече во своето обраќање првиот човек на Интер, Дејвид Бекам.