Едни на протест против, други со цврст став за отворање на рудникот Иловица-Штука. Тие што останаа дома и не го поддржаа протестот, којшто се одржа во Струмица, бараат да се отвори овој капацитет за, како што велат, селата целосно да не се испразнат и на тој начин да и се спротивстават на „белата чума“.
-Ние сме ЗА рудникот, бидејќи институции кажуваат дека неговото работење не е штетно по здравјето. Со отворањето на рудникот ќе се вработи овој народ, зашто од него можеме да имаме само ќар, а зијан не. Ќарот ќе е вработувањето, бидејќи ќе се вработат многу луѓе, многу млади. Ќе се вработат граѓани од општините Ново Село и Босилово и рудникот е предуслов за опстанок на овие две општини, смета Митко Иванов од село Штука.
Жители од Иловица и Штука својата иднина ја гледат во отворањето на рудникот и даваат поддршка за проектот на „Еуромакс ресоурцес“.
Сите наши села се иселуваат и бараат спас во Словенија. Ова е една убава можност да се задржи народот тука, да си најде вработување и да остане да живее тука. Кој нешто им понудил на граѓаните за да се задржат тука? Тука во Иловица никој не смета дека со садење и берење тутун може да живее. Сточарите што мислат дека нема каде се напасува стоката-нема стока, има само еден што има овци и еден што има кози. Не држи вода нивниот муабет дека ќе нема стока, вели жител на Иловица.
Ги прашува активистите за заштита на животната средина зошто не реагираат на безмилосното уништување на шумата, од каде, според него, сто кубици огревно дрво се сече секој ден.
-Ниту еден од нив не е дојден да види зашто се пустоши Огражден. Ловците кои сакаат планината да им биде чиста ловат се живо и диво-и срни и млади диви свињи, додава тој.
Никола Стаменов од Штука, поранешен претседател на Федерацијата на фармери на Македонија, од самиот почеток на проектот е за отворање на рудникот. Смета дека аргументите за и против отворање на рудникот треба да се разменуваат на маса преку дијалог со помош на експерти од повеќе области.