Поранешниот трикратен македонски кошаркарски правк, Еуро Никел (поранешен Фени индустри) од Кавадарци добил забрана за регистрирање нови странски кошаркари. Казната му ја изрекла Светската кошаркарска федерација (ФИБА) поради загубен спор пред Арбитражниот суд (БАТ).
Казна е на сила од 11 јули. Еуро Никел ваквата санкција ја заработи по пријава на поранешен кошаркар или менаџер од странските засилувања на кого не му биле исплатени плати, премии и(ли) провизии.
Овој спор засега не е официјално објавен на интернет-страницата на ФИБА. Еуро Никел е трет македонски тим кој добил ваква суспензија, а втор во машка конкуренција по Работнички, кој во два наврати беше санкциониран на овој начин. Во меѓувреме извесен период на црната листа беше и шампионот во женска конкуренција од пред две години, Баскет Кам.
Ваквата забрана не е ретка во кошаркарска Европа, каде што отсуството на финансии во одредени периоди во сезоната често пати се проблем за клубовите особено во регионот. Поради тоа во моментов идентични санкции како за Еуроникел има и за екипи како Задар, Морнар и Арис.