Делегација на Северна Македонија, заедно со делегација на Република Албанија, од денеска до 20 овој месец во Брисел ќе го следи објаснувачкиот скрининг за Кластер 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), станува збор за многу важен и обемен кластер кој регулира пет поглавја поврзани со економскиот развој на земјата како што се: земјоделство и рурален развој, безбедност на храната, ветерина и фитосанитарна политика, рибарство, регионална политика и координација на структурните инструменти, како и финансиските и буџетски одредби.
-Во текот на овие четири дена од објаснувачкиот скрининг за Кластер 5, експерти на Европската комисија ќе ги презентираат пред делегациите на Северна Македонија и Албанија новите директиви и регулативи од легислативата на ЕУ донесени после 2018 година, а нашата делегација треба да ја посочи временската рамка, во која се очекува земјата да ја усвои и вметне новата легислатива во националното законодавство, се посочува во соопштението.
Северна Македонија досега го заврши билатералниот и објаснувачки скрининг за четири кластери, или вкупно 26 поглавја и три области. Останува до ноември оваа година да биде комплетиран и билатералниот скрининг за последните два кластери, односно да завршат скрининг состаноците и за преостанатите седум поглавја – кластерите „Ресурси, земјоделство и кохезија“ и „Надворешни односи“, стои во соопштението од СЕП.