Убиството на македонскиот државјанин, 39 годишниот Орхан Бајрами – Оки и ранувањето на неговиот пријател Сеад Слезовиќ (45), во Ханиоти остануваат привлечна тема во грчките медиуми на која и се посветува доволен простор. Секојдневно се откриваат нови детали како дошло до пукотницата и убистовото на македонскиот државјанин познат по криминални активности, колку члена биле во луксузниот апартман, како пристигнале непознатите сторители, во кој правец води истрагата за да се разоткријат извршителите и мотивот за ваквиот грозоморен чин.
Вориа пишува дека убиството се случило пред очите на двете жени во тој момент, рано утрото во саботата околу 3 часот и 30 минути, почнале да викаат помош и потоа заедно со третото лице ги однеле двајцата застрелани во Здравствениот дом Касандра. Петте лица биле на возраст од 19 до 45 години, сите од Северна Македонија,
Грчката полиција била известена со повик на 112 дека во тој момент се слушнале гласови кои повикуваат помош. Истрели не слушнале пријавителите на настанот.
Кога пристигнале првите полицајци, жртвите веќе биле пренесени во Здравствениот дом.
Медиумите во Грција објавија дека истрагата за откривање на сторителите е во тек. Сепак, се претпоставува дека веднаш по убиствениот напад ја преминале границата кон Северна Македонија каде се информирани локалните власти, објави Вориа.
Соработката со грчките власти ја потврди вчера и македонското МНР кое од МВР добило потврда дека во делот на оперативната соработка веднаш по убиството службите на двете земји се во постојана комуникација и разменуваат информации во полза на истрагата и расчистување на случајот.
Се трага по две маскирани лица, облечени во црно кои кобното утро се појавиле во изнајмената вилата во Ханиоти и отвориле оган врз Оки и неговата придружба. Користеле пиштол калибар 32 со пригушувач. Неговата смрт била моментална, додека полицијата од местото на убиството собрала вкупно 19 чаури. 45-годишниот пријател на убиениот е повреден од шрапнелите и е хоспитализиран во Општата болница Полигирос и е надвор од животна опасност. Телото на убиениот Орхан Бајрами веднаш е испратено во Солун на обдукција.
Иако првично се тврдеше дека убијците дошле со мотоцикл, според новите сознанија кои ги објави грчки ЕРТ, безбедносните камери снимиле патнички автомобил со странски регистарски таблички пред и по вооружениот напад, во близина на вилата во која престојувал 39-годишниот. Според полициските извори и од текот на истрагата, се чини дека двајцата сторители биле токму во овој автомобил, објави Ин.гр.
Возилото не поминало низ ниту една гранична станица, па се вршат опсежни претреси за негово лоцирање во Грција, велат истите грчки полициски извори, но не е исклучена можноста сторителите да побегнале надвор од границите на Грција користејќи друг начин.
Како и да е, грчката полиција смета дека конкретното возило останува во границите на земјата и по него интензивно се трага, како важен елемент во истрагата за мафијашката егзекуција.
Според последните информации, двајцата сторители откако излегле од автомобилот го прескокнале ѕидот, дошле пред големиот стаклен прозорец и од надвор пукале кон куќата.