Бајден ќе се сретне со мировниот пратеник на папата Франциск

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска ќе се сретне со мировниот пратеник на папата Франциск како дел од мировните и хуманитарните иницијативи на Светата столица за Украина, а ќе се разговара пред сè состојбата на украинските деца кои се однесени во Русија, соопштија Белата куќа и Ватикан.

Кардиналот Матео Зупи е во посета на Вашингтон до утре. Пред тоа тој беше во мисија во Москва и Киев, каде се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Прес секретарката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, потврди дека Бајден денеска ќе се сретне со Зупи за да „разговараат за големите страдања предизвикани од руската брутална војна во Украина“.

Жан-Пјер, исто така, рече дека ќе се дискутира и за „напорите на САД и Светата столица да обезбедат хуманитарна помош за погодените, како и фокусот на папската држава на репатријацијата на украинските деца кои биле насилно депортирани од руски официјални лица“.

Зупи е ветеран на мировните иницијативи на Католичката црква, а од папата Франциск добил задача да најде „патишта на мирот“ меѓу Русија и Украина.

Зупи во Москва се состана со Марија Лвова-Белова, комесарка на Русија за правата на децата, како и со патријархот Кирил, поглаварот на Руската православна црква, кој силно ја поддржува војната на Кремљ.

Папата Франциск го прифати барањето на Украина да интервенира секаде каде што е можно за да се вратат украинските деца однесени во Русија по инвазијата на Москва.

Меѓународниот кривичен суд на крајот на март издаде налог за апсење на Лвова-Белова и рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи ги за киднапирање деца од Украина.

Руските власти негираа какви било присилни посвојувања, велејќи дека некои украински деца се во згрижувачки семејства.

Треба да знаете
Последни објави