Британците разоткрија скандал: американската војска со години испраќала доверливи информации на погрешна адреса

Милиони мејлови наменети за припадниците на американската војска беа испратени на адреси во африканската земја Мали во последните десет години поради мала печатна грешка. Ова го пренесоа британските медиуми.

Наместо да го пишуваат доменот „.MIL“ што се користи за сите адреси на е-пошта на американската војска, некои погрешно напишале „.ML“ – што е домен за африканската земја Мали.
Резултатот од таквата грешка беше постојан проток на чувствителни информации кои се испраќаа во Мали, пренесува Би-Би-Си.

Ниту една од погрешно упатените мејлови не биле класифицирани како доверливи, но медиумот наведува дека тие вклучуваат медицински информации, мапи на американски воени објекти, финансиска евиденција и документи за планирање патувања, како и некои дипломатски пораки.

Според „Фајненшл Тајмс“, кој прв ја објави приказната, холандскиот интернет експерт Јохан Зурбиер бил првиот што предупредил за проблемот пред една деценија.

Во 2013 година, Зурбиер склучи 10-годишен договор за управување со државниот домен на Мали, кој е пред истекување, а во последните месеци, наводно, собрал илјадници погрешно насочени мејлови.

Тој напишал писмо до американските официјални лица овој месец за да алармира за проблемот.

„Ризикот е реален и може да биде искористен од американските противници“, напиша Зурбиер во писмото.

Воената влада на Мали требаше да ја преземе контролата врз доменот во понеделник.

Пентагон соопшти дека презел чекори за решавање на проблемот, јави Би-Би-Си.

Треба да знаете
Последни објави