Со 62 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден против, Собранието денеска, во рамки на 120. седница, го поддржа донесувањето на законот за данок на солидарност по скратена постапка.
Како што истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски, образложувајќи го предложениот текст, законот за данок на солидарност е од општ интерес за сите граѓани и базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност.
Предлог-законот предвидува воведување данок на солидарност за 2023 година како еднократна и вонредна јавна давачка.
-Со оглед дека не се работи за обемен и сложен закон, се предлага да се донесе по скратена постапка. Целта на законот е секој да учествува во намирување на јавните расходи согласно своите економски можности и на солидарен начин да придонесе за ублажување на последиците од енергетската и ценовната криза. Воведувањето данок за солидарност е од општ интерес за сите граѓани, а базира на начелата на правичност, еднаквост и пропорционалност. Со Предлог-законот се врши усогласување со регулативата на Советот на ЕУ за итна интервенција за решавање на проблемот со високите цени на енергијата, рече Николоски.
Поддршка за донесување по скратена постапка добија и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, како и Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка.