Македонскиот првак Струга ТЛ беше на 15 минути од пласман во второто коло во квалификациите за ЛШ и мегадуел со турски Галатасарај, ама на крај остана без ништо и европската авантура ќе ја продолжи во шампионската група во Конференциската лига, откако со пресврт за шест минути го загуби мечот со Жалгирис со 1-2 во Охрид во реваншот од првото коло.
Откако стружани добија пенал и Бесарт Ибраими го реализираше за водство од 1-0 во 76-та минута од мечот, македонскиот првак не успеа да го затвори мечот, туку набрзина прво прими гол во 78-та за Жалгирис да се врати во мечот преку Јури Кендиш на асистенција на Буф, а потоа Сава Радиќ си даде автогол на шест минути пред крајот во зицерот на Матијас Ојевуси, чиј удар српскиот стопер сакајќи да го избие си ја смести топката во мрежата.
Во меч со низа шанси, стружани подобро го отворија мечот со две шанси на Ибраими и непрецизни удари, па благ шут на Марјан Радески, одговори Жалгирис со два зицери кои Ведран Ќосевски ги фати во последните седум минути од првиот дел, прво на Ојевуси, а потоа на Ливиу Антал.
Ибраими имаше два шанси во првите десет, од кои еден зицер кој го промаши од пет метри (над гол), па потоа одговорија Литванците со две шанси на Ојевуси, од кои едната дефанзивецот Едис Малиќи спаси чист гол, за мечот да влезе во завршниот период со многу драма и пресврт со среќен крај за литванскиот првак.
Струга по оваа елиминација останува во европските квалификации, но сега во третото најслабо натпреварување, со пресметка против подгорички Будуќност.