Поранешниот голман на Ајакс, Манчестер јунајтед и Јувентус, Едвин ван дер Сар прати порака преку социјалните мрежи од болницата во Холандија каде што се опоравува од мозочниот удар кој го доби додека беше на одмор во Хрватска.
Ван дер Сар беше донесен со хеликоптер во болницата во Сплит со крварење на мозокот, каде што беше поставен во одделот за интензивна нега. Подоцна тој беше пренесен во Холандија и сега вели дека е подготвен за следниот чекор во опоравувањето.
„Прво, сакаме да се заблагодариме на сите за големите пораки за поддршка кои ги добив. Среќен сум што можам да ви соопштам дека излегов од одделот за интензивна нега. Меѓутоа, уште сум во болница и се надевам дека следната недела ќе одам дома и ќе го направам следниот чекор“, напиша Ван дер Сар на социјалните мрежи.