Министерот за здравство, Фатмир Меџити, денеска, за нов директор на ЈЗУ Клиничка болница Тетово го именува Илир Демири, кој на оваа функција доаѓа од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде што работеше како координатор на ковид-центарот.
Демири, кој е специјалист инфектолог, поседува богато работно искуство и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби работи од 2004 година. Тој од 2007 година е асистент по предметот инфективни болести на Медицинскиот факултет во Скопје, а во 2020 година се стекнува со титулата примариус доктор, инфомрираат од Министерството.
Новиот директор на Клиничката болница Тетово, како што истакнуваат, е истакнат професионалец и еден од најпосветените здравствени работници кој се бореше против Ковид-19 од самиот почеток на пандемијата.
Демири е добитник на титулата европска личност за 2020 година. Оваа титула им се доделува на лица што имаат посебен придонес во афирмацијата на хумани вредности, а ја доделува Европското движење и е признание што доаѓа од страна на граѓаните.
Демири исто така е член на Македонското здружение за инфективни болести, како и на Комисијата за заразни болести.