Денеска Владата и ССМ го потпишаа новиот Општ колективен договор за јавниот сектор.
Со Колективниот договор кој повторно се потпишува по 2008 година, околу 130.000 вработени во јавниот сектор во септември ќе добијат зголемување на платите од 10 проценти.
Дополнително, вработените ќе добијат и регрес за годишен одмор таканаречен К 15 во висина од 10.000 денари, што треба да им се исплати до крајот на месец декември оваа година.
Нешто порано денеска, Собранието ги усвои и измените на Законот за извршување и Законот за облигациони односи со кои се става крај на огромните камати, односни јасно се ограничува дека каматната стапка нема да смее да го надмине главниот долг, а рокот за застарување на долгот од 10 се намалува на пет години.
Имајќи предвид дека овие измени влијаат и врз Законот за финансиски друштва, ќе се стави крај и на енормните долгови што произлегуваат од брзите кеш кредити, односно вкупните трошоци на земен „брз кредит“ не можат да бидат поголеми од 60% од кредитот.
Дополнително, усвоени беа и измени на Законот за здравствено осигурување што обезбедуваат ослободување од партиципација и на лицата со попреченост над 26 години, нешто што беше долгогодишно барање на оваа категорија граѓани.