Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) денеска на својата црна листа го стави и бизнисменот Јордан Орце Камчев.
Ппотсекретарот на Министерството за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон, изјави дека Камчев ја злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи себична агенда на сметка на демократските институции и граѓаните на Северна Македонија.
„Трезорот останува посветен на повикување на одговорност на сторителите на корупција“, додаде тој.
Како што стои во соопштението од министерството за финансии на САД, бизнисменот Камчев интензивно се вклучил во корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 2000-ти.
„Во 2022 година, Камчев беше осуден во судскиот процес „Парцели на Водно“ за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште. Во одвоено судење, Камчев се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на службената положба во случајот „Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси“ стои во соопштението.
Во соопштението на американското министерство за финансии се наведува и дека денешната одлука ја нагласува континуираната посветеност на Соединетите држави за промовирање на одговорност за поединци и ентитети кои ја поткопуваат или загрозуваат стабилноста на Западен Балкан преку корупција и друго дестабилизирачко однесување