Двајца американски сенатори подготвуваат двопартиски закон според кој федералните службеници на извршни позиции и законодавачите да не смеат да поседуваат акции во одделни компании.
Анкетите укажуваат на широка поддршка во САД за ваква регулатива, објави денеска Волстрит журнал.
Сенаторите Кирстен Џилибранд, демократка од Њујорк и Џош Хоули, републиканец од Мисури, би дозволиле претседателот и потпретседателот на САД, законодавачите, помошниците на Капитол хил и вработените во извршните органи да поседуваат акции во заеднички фондови и оние од општите индустриски индекс фондови. Но, нацрт законот би забранил поседување акции во индивидуални компании, па дури и во затворени трастови.
Регулативата најавена во Конгресот е одговор на истражување на Волстрит журнал за капиталните активи од лани, според кое се дознава дека многу први лица во извршната власт поседувале акции во компании што се регулирани од тие агенции.
Како што е наведено, овде не се работи само за конфликт на интерес, туку имало и признаци на инсајдерско тргување од страна на директори на државни агенции.
– За американскиот народ критично е да се знае дека избраните лидери на прво место работат за јавноста, а не да бараат начини да си ги наполнат џеповите, изјави Џилибранд денеска во соопштение.